Бруно Фернандеш ја докажа лојалноста кон Манчестер Јунајтед прифаќајќи ја понудата за нов договор со „црвените ѓаволи“ што ќе биде официјализиран во наредните денови, информираат англиските медиуми.
Португалцот пристигна на „Олд Трафорд“ од редовите на Спортинг за сума од 55 милиони евра и се покажа како одлична инвестиција, досега тој има 234 настапи за Јунајтед постигнувајќи 79 гола и 67 асистенции. Тој беше најдобар поединец во ланската разочарувачка сезона на „ѓаволите“, по што се најавуваше дека лесно може да се случи да си замине од клубот. Тимови од Саудиска Арабија му понудија богатство, како опции се споменуваа и Баерн Минхен и Барселона, но Фернандеш јасно стави до знаење дека приоритет му е да остане во клубот.
Новото раководство на Манчестер Јунајтед знаеше да ја цени лојалноста на својот капитен, па експресно беа договорени детали за продолжување на соработката. Бруно имаше договор до 2026 што го потпиша пред две години, но сега доби ново зголемување на платата, со дополнителни две сезони со кои ќе остане на „Олд Трафорд“ најмалку до јуни 2028 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА