Нов конфликт МКФ – клубови: Тема – бројот на екипи во Првата лига

Никако да дојде до примирје и позитивни вибрации во македонската кошарка откако денеска Здружението на прволигаши повторно влезе во конфликт со раководството на федерацијата, околу одлуката на Управниот Одбор да го зголеми бројот на екипи кои ќе учествуваат во Првата лига во новата сезона. Мнозинството од присутните прволигаши инсистираше бројот на екипи да остане на десет (евентуално да се намали на девет доколку Кожув реши да не се натпреварува), противејќи се на одлуката за проширување на елитното друштво на дванаесет екипи.

Од вкупно десет членки на Здружението присутни беа седум (отсуствуваа Работнички, Гостивар и Струмица), при шти четири екипи гласаа против одлуката на УО, а три прволигаши (Блокотехна, Фени индустри и Охрид) го дадоа својот глас за поддршка кон раководството на МКФ на оваа тема.

Претседателот Наумоски остана доследен на својот став дека Управниот Одбор има поголема власт во однос на Здружението на прволигаши при донесувањето на вакви одлуки, директно порачувајќи им на клубовите дека e решен својата одлука да ја истурка до крај.

Стартот на новата сезона е закажан за 7 октомври, а наскоро се очекува и дефинитивно да биде познато колку екипи ќе играат во Првата лига и кои тимови би го искористиле проширувањето на лигата, дали оние од Втората лига или пак повратници во елитното друштво ќе бидат Вардар и Пелистер.

Се вчитува...