Нов пораз од Романија, ќе мора многу подобро во баражот ако се сака на СП 2025

Македонија претрпе пораз и на вториот натпревар од двомечот против селекцијата на Романија откако избраниците на Кире Лазаров попладнево заслужено загубија со резултат 28-24. Романците беа подобар противник во текот на сите 60 минути, ослабената Македонија без неколку првотимци не можеше да одговори на агресивната одбрана на противникот, кој згора на тоа го имаше и извонредниот Василе на голот. На помалку од два месеци до баражот за СП против Фарските Острови, повеќе од јасно е дека формата мора да се крене ако се сака да се обезбеди настап на уште едно големо натпреварување бидејќи со издание слични на ова ништо добро нема да ни се пишува во мајскиот бараж.

Од самиот почеток стана јасно дека Македонија ќе има проблеми на овој натпревар, откако домашниот голман се разбрани од стартот на дуелот, помагајќи домашната селекција да отвори со водство од 3-0. Неколку минути подоцна Романија имаше и предност од 5-1, а Македонија заигра нешто подобро во овој дел од мечот, преполовувајќи ја негативата намалувајќи на 6-4 преку Цветан Кузманоски. Романците одговорија со два брзи гола за 8-4, но Македонија конечно влезе во посакуваниот ритам и намали на 8-7. Тоа беше се од нашата селекција во првото полувреме бидејќи домаќините влегоа во нова серија и со пет гола во низа поведоа со најубедливи 13-7, за на одмор да се замине со водство на романскиот национален тим од 15-10.

Второто полувреме го отворивме со гол на Пешевски, веќе во следниот напад имавме и седмерец, но Кузманоски го погоди во главата противничкиот голман и заслужено заработи исклучување од двеминути. Следеше нов изнуден пенал и исклучување од одличниот Митев, кој најдобро се снаоѓаше на агресивната игра на Романците на нашата бековска линија. Македонија успеа да намали на 16-13, но Романија набрзо се врати во ритам и предноста повторно се искачи на пет гола (20-15).

Кизиќ во меѓувреме застана на нашиот гол, но немоќта стануваше се поочигледна, па Кире Лазаров беше принуден да побара тајмаут при резултат 23-17. Македонија намали на 23-18, резултат при кој одличниот Василе запре зицер на Атанасијевиќ. Во самиот финиш домаќините малку се опуштија, а нашите ракометари преку Џонов и Атанасијевиќ намалија на три гола разлика (27-24), по што домашниот селектор побара тајмаут. Во финишот имавме уште една загубена топка што Романците ја претворија во гол во празна мрежа за конечни 28-24 и заслужен триумф на домашната селекција и на вториот дуел од овој двомеч.

Се вчитува...