Нов пресврт: Аморим седнува на клупата на Челси?

Рубен Аморим во последните десетина дена беше интензивно поврзуван со Ливерпул, актуелниот тренер на Спортинг Лисабон потоа долета во Лондон на преговори со Вест Хем, а откако и двете опции пропаднаа португалскиот стратег сега е поврзуван со трет англиски премиерлигаш.

Челси е клубот што сака да го види Аморим како предводник на својот проект од наредната сезона, откако американските газди се повеќе се сомневаат во Маурицио Покетино и способноста на Аргентинецот да го извлече максимумот од овој проект во кој беа инвестирани над една милијарда фунти во нови фудбалери. Последното фијаско и поразот од 5-0 од Арсенал особено тешко им паднал на Тод Боели и останатите клупски директори, кои досега му даваа поддршка на Покетино, но никој во клубот веќе не е сигурен дека овој стратег треба да остане по завршувањето на сезонава.

Аморим е на добар пат да освои нова титула во португалскиот шампионат иако има помал буџет и од Бенфика и од Порто. Офанзивниот фудбал на кој инсистира Аморим е една од препораките, заедно со фактот дека станува збор за тренер кој знае да усовршува млади фудбалери, нешто што Челси го има во изобилство. Потежок дека од задачата е да се убеди овој стручњак да напушти победнички проект како Спортинг за да дојде во клуб што премногу често ги менуваше тренерите во последните две години.

Боели е убеден дека со богата финансиска понуда може да го привлече Аморим, па останува да се види како ќе течат преговорите меѓу двете страни и дали овој врвен перспективен стратег летово ќе се пресели на „Стемфорд бриџ“.

Се вчитува...