Нов пресврт: Обамејанг е на лекарски прегледи, ќе следи потпис со Барселона

Пјер Емерик Обамејанг по се изгледа на крајот ќе заврши во Барселона, по новата епизода од „сапуницата“ на екс-капитенот на Арсенал што трае од почетокот наа денешниот ден.

Обамејанг утрово пристигна во Барселона во очекување на лекарски прегледи, но трансферот се чинеше пропаднат откако Арсенал и Барса не се договорија за висината на платата, односно фактот дека „топчиите“ не сакаа да покријат ниту дел од богатството што Габонецот треба да го заработи според важечкиот договор што го има со лондонскиот клуб.

Вечерва стигнува нова информација, Обамејанг во меѓувреме постигнал договорот и веќе ги почнал лекарските прегледи, се со цел трансферот да биде комплетиран во предвидениот рок. Нема да стане збор за позајмица, туку за целосен раскин на договорот со Арсенал, по што овој искусен голгетер како слободен играч ќе потпише за Барселона. Првиот договор ќе биде на само шест месеци, за пониска плата, за Обамејанг да може да биде регистриран во Ла Лига, со клаузула за автоматско продолжување на уште една сезона во која и заработувачката на напаѓачот ќе биде значително зголемена.

На овој начин, Барселона успеа да договори уште едно значајно зимско засилување по Адама Траоре и Феран Торес, успевајќи да го вклопи во финансиската конструкција дури и доколку Дембеле не си замине од „Камп Ноу“ до крајот на овој преоден рок.

Се вчитува...