Нов убедлив пораз на Металург во Полска

Металург претрпе уште еден убедлив пораз од Висла Плоцк во групната фаза од Лигата на Европа (35-20), сосема очекуван расплет со оглед на преполовениот состав на македонскиот клуб поради бројните проблеми со повреди и коронавирус. Црногорецот Калуѓеровиќ дебитираше за „металурзите“ на овој меч, во кој Висла повторно со леснотија ја оправда фаворитската улога,со што полскиот тим остана единствен со стопроцентен ефект во оваа група од ЛЕ.

Полјаците од самиот почеток ја оправдаа фаворитската улога, по само неколку минути игра поведувајќи со 6-1. Сепак, Металург не капитулираше, покажа карактер и предводен од Мартин Серафимов се врати резултатски, намалувајќи на 8-6 (десниот бек постигна четири од првите шест гола на „металурзите“ на овој меч). Домашниот состав повторно влезе во ритам, псотигна неколку лесни погодоци во низа, но благодарение на Поповиќ и неговите голови во финишот од полувремето на одмор се замина со резултат 16-10.

Сосема очекувано со оглед на краткиот ростер, Металург немаше сили да се спротивстави во второто полувреме. Во ритам влезе и домашниот голман, по што предноста експресно почна да се зголемува, па во 38. минута Висла за првпат стигна до двоцифрена позитива (22-12). Нешто подоцна Полјаците стигнаа и до двојно повеќе голови од Металург, 26-13, резултат при кој тренерот Димитриоски побара тајмаут. Ѓорѓески беше сосема солиден на голот на „металурзите“, но домашните ракометари се наоѓаа во бројни лесни ситуации, па ја наполнија неговата мрежа. Пред крајот на мечот тренерот Димитриоски му даде шанса и на младиот Брестовац, кој имаше и една успешна интервенција веднаш по влегувањето во игра.

Мартин Серафимов одигра одличен меч во нападот постигнувајќи осум погодоци, пет гола постигна Поповиќ, четири пивотот Митиќ, додека Калуѓеровиќ на дебито за „металурзите“ реализираше три гола од вкупно седум обиди.

Следен европски предизвик за Металург е гостувањето во Австрија против тимот на Фајверс, меч закажан за 23 февруари во Виена.

Се вчитува...