Нова бламажа на Портланд…, Голден стејт на чекор од следна рунда

Кошаркарите на Портланд се наоѓаат пред елиминација на стартот од НБА плеј-офот. Синоќа во Њу Орлеанс одиграа уште една скромна партија, загубија со 119-102, па Пеликанс сега имаат предност од 3-0 во серијата.

Одличен во триумфот на домашните повторно беше Ентони Дејвис со 28 поени и 11 скока, а Црногорецот со шпански пасош, Никола Миротиќ постигна 30 поени, дополнети и со осум скока. Кај Портланд, МекКалум постигна 22 поени, а Лилард – 20 поени.

Четвртиот меч се игра веќе утре кога може да биде и познат првиот учесник во полуфиналето од Западната конференција.

Актуелните шампиони Голден стејт славеа на гости против Сан Антонио со 97-110 и исто така дојдоа на чекор од полуфиналето со предност од 3-0 во серијата.

Кевин Дурант ги предводеше гостите со 26 поени и 9 скока, Клеј Томпсон постигна 19 поени додека кај Спарси, ЛаМаркус Олдриџ имаше 18 поени и 10 скока.

Филаделфија славеше на гости против Мајами со 108-128, па поведе со 2-1 во четвртфиналната серија на Истокот.

Повратникот на паркетот Џоел Ембид постигна 23 поени во победничкиот тим а Дарио Шариќ и Марко Белинели дополнија со по 21 поен.

Се вчитува...