Нови проблеми за Џани, Англичаните бараат да се објават сите документи за двата скандали кои ја „дрмаат“ ФИФА

Притисокот врз претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, од ден во ден се зголемува, а денеска доби нов удар откако претседателката на фудбалската федерација на Англија (ФА) побара да се објават сите документи поврзани со контроверзниот план за продажба на правата на Светските првенства на приватни инвеститори.

Претседателката на ФА, Деби Хјуит, според „Скај Њуз“, исто така побарала независна истрага за двата скандали во ФИФА кои се поврзани со Светските првенства.

Таа му упати писмо на Инфантино во кое бара да се објават сите документи за планот на продажба на правата на СП на приватни инвеститори. Хјуит бара јавноста да биде запознаена со плановите на Инфантино, ФИФА да основа приватна компанија која ќе ги води Светските првенства, а дел од акциите на оваа компанија би биле продадени на приватни инвеститори кои се блиски до претседателот на САД, Доналд Трамп. Медиумите открија дека главен инвеститор би требало да биде инвестицискиот фонд кој го предводи братот на сопругот на Иванка Трамп, ќерката на претседателот на САД.

Во писмото исто така се бара увид во сите документи и за контроверзната одлука да се укине суспензијата на репрезентативецот на САД, Балогун, по интервенцијата и притисокот кој го изврши Доналд Трамп.

Балогун доби директен црвен картон по бруталниот прекршок врз репрезентативецот на БиХ, Тарик Мухаремовиќ во дуелот од 16-финалето на Светското првенство кое летово се одржа во САД, Канада и Мексико.

Се вчитува...