Нови проблеми за Џани Инфантино

Претседателката на Англиската фудбалска асоцијација, Деби Хјуит, побара од претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да ги објави сите документи поврзани со сега веќе отфрлениот план за вклучување приватни инвеститори во Светското првенство, пренесува „Скај њуз“.

Хјуит го засили притисокот врз Инфантино, кој се кандидира за реизбор следната година, барајќи транспарентност во врска со скандалите пред состанокот на Советот на ФИФА следниот месец.

Предлогот на Инфантино за вклучување приватни инвеститори во Светското првенство пропадна откако предизвика бурни реакции во фудбалскиот свет.

Хјуит, која е и потпретседателка на ФИФА, побара независна ревизија на обидот на Џани Инфантино да ги продаде правата за Светското првенство, како и објавување на сите документи поврзани со контроверзијата околу црвениот картон на Фоларин Балогун, дознава „Скај њуз“.

Инфантино во август се извини за објавувањето на планот за приватни инвестиции, а во соопштението на Извршниот одбор беше ветена ревизија на тој процес, иако не беше прецизирано кој ќе ја спроведе истрагата.

Сепак, УЕФА објави дека ја „изгубила довербата“ во Инфантино и размислува да покрене постапка против него за кривично дело несовесно управување, односно за потценување на вредноста на светските првенства заради лична корист.

Инфантино на 6 септември потврди дека ќе се кандидира за уште еден мандат на Конгресот на ФИФА во март 2027 година. Тој моментално е единствениот официјален кандидат, но УЕФА веќе најави дека ќе номинира сериозен кандидат кој ќе му се спротивстави. Засега, Инфантино ја има поддршката од Африка, Азија и Јужна Америка.

Се вчитува...