Новиот Еурофарм Пелистер против Нексе за крај на групната фаза во СЕХА

Ракометарите на македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер вечерва на домашен терен ќе го пречекаат хрватскиот Нексе од Нашице во натпревар од последното коло од групната фаза во новата сезона во регионалната СЕХА лига.

Александар Јовиќ е подготвен за дебито на клупата на првиот тим на Еурофарм Пелистер, каде македонскиот стратег пред неколку дена го наследи отпуштениот Ларс Валтер.

Јовиќ во изминатите денови имаше можност да одржи неколку тренинзи со екипата и е свесен дека главен предизвик ќе му биде да состави силен колектив од бројните индивидуалци во составот.

„Нè чека тежок натпревар со една одлична екипа, која преферира динамична игра. Од овој натпревар на секој натпревар ќе играме на победа. Она што го видовме во овој краток период ни дава до знаење дека имаме добри индивидуалци, кои треба да ги вклопиме во добар тим. За тоа треба и малку време. Од играчите барама лавовска бобреност и да го спроведат тоа што го тренираме овие пет дена. Битола е најракометен град и мислам дека во вторник ќе се покажеме во поинакво светло, со многу борбеност со подобар ангажман и од страна на играчите, и од страна на клупата“, изјави Јовиќ.

Искусниот Гоце Ојлески очекува промената во стручниот штаб да донесе нова енергија во тимот на Еурофарм Пелистер.

„Знаеме дека Нексе е квалитетен противник и квалитетна екипа. Секоја година цели високо и не треба да трошиме зборови за нив. Не сме комплетни, но со нов стручен штаб и со нова енергија ќе се обидеме да дадеме максимум и ќе се обидеме да издвојуваме позитивен резултат“, истакна Ојлески.

Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за во 18 часот.

Се вчитува...