Ново чудо во ЛШ: Тинејџерите на Ајакс го попарија и Јувентус

Ајакс е во полуфиналето на Лигата на шампионите. По сензацијата против Реал Мадрид, тинејџерите од Амстердам го елиминираа и италијанскиот првак Јувентус со триумф (1-2) во Торино. Првиот меч на „Јохан Кројф арена“ заврши 1-1, а Ајакс со комплетен пресврт направи ново чудо во Торино.

Кристијано Роналдо ја продолжи својата серија голови во ЛШ и го отвори резултатот со удар со глава во 28.минута. Но, само шест минути подоцна возврати Дони Ван де Бек израмнувајќи на 1-1.

Во вториот дел Ајакс царуваше на теренот во Торино. Зијеч имаше одлична шанса во 52.минута, но Шчешни го спаси Јувентус. Сепак, не можеше да стори ништо по ударот со глава на Матијс де Лихт во 67.минута, по корнерот од десната страна.

Дефанзивецот скокна највисоко и ја затресе мрежата на Јувентус, шокирајќи ги фановите на „старата дама“. До крајот, Кристијано Роналдо се обиде да го врати Јувентус во живот, но не успеа ниту да израмни.

Се вчитува...