Ново лудо вечно дерби: Берон донесе предност на Црвена Звезда против Партизан

Црвена Звезда поведе со 1-0 против Партизан во полуфиналната серија од АБА-лигата откако „црвено-белите“ го добија инфаркт-дуелот на кој беа домаќини со конечни 106-101. Мечот го одбележаа бројни пресврти, Ренфро со поени на две секунди до крајот го одведе ова полуфинале во продолжение, за во дополнителните пет минути Црвена Звезда сепак да успее да го скрши отпорот на вечниот ривал.

Партизан има за што да жали бидејќи во 27. минута имаше двоцифрена предност (44-54), но домаќините веќе до крајот на четвртината стигнаа до само три поени разлика (60-63). Црвена Звезда водеше во поголемиот дел од последната четвртина, но на крајот сепак Партизан се избори за продолжение откако Ренфро остана „еден на еден“ со Оџо, лесно го мина противничкиот центар и погоди за израмнување (85-85).

Човек на одлука сепак беше Били Берон, откако асот на домашниот тим блесна на една минута до крајот, погодувајќи положување, притоа изнудувајќи и неспортска лична грешка од Гагиќ. Берон го погоди дополнителното слободно фрлање, а потоа во следниот напад повторно мајсторски положи и донесе предност од пет поени што Црвена Звезда ја задржа до самиот крај.

Берон со 23 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, Давидовац постигна 18, а Човиќ 16 поени, додека најефикасни кај Партизан во вечерашниот пораз беа Маринковиќ со 20 и Лендејл со 17 поени.

Се вчитува...