Њу Орлеанс е првиот полуфиналист на Западот, Рики Рубио ја среди Оклахома

Кошаркарите на Њу Орлеанс се првите полуфиналисти во плеј-оф разигрувањето во Западната конференција од НБА лигата, откако и во четвртиот натпревар славеа против Портланд, овој пат со 131-123.

На тој начин Њу Орлеанс дојде до 4-0 во серијата, предводен синоќа од феноменалниот Ентони Дејвис кој мечот го заврши со 47 поени и 11 скока. Еднакво одличен беше и Холидеј со 41 постигнат поен. Кај Портланд најефикасен беше МекКалум со 38 поени.

Минесота синоќа го намали резултатот во серијата против Хјустон на 2-1, додека Јута поведе против Оклахома со 2-1.

Минесота го победи Хјустон со 121-105, што им е прва победа по двата порази. Џејмс Харден овој пат беше недоволен за Хјустон и покрај 29 поени, 7 скока и 7 асистенции. Во домашниот тим расположени беа Батлер со 28 поени и 7 скока и Тиг со 23 поени и 8 асистенции.

Јута славеше против Оклахома со 115-102, а најзаслужен за триумфот на домашните беше Рики Рубио со „трипл-дабл“ ефект од 26 поени, 10 асистенции и 11 скока. Мичел имаше 22 поени и 11 скока.

Кај Оклахома, Пол Џорџ мечот го заврши со 23 поени, додека Ентони и Вестбрук постигнаа по 14 поени. Двоцифрен беше и Фелтон со 14 поени.

Кошаркарите на Филаделфија победија и вторпат како гости во Мајами на Истокот. Овој пат славеа со 102-106, па поведоа во серијата со 3-1.

Редик беше најефикасен кај Филаделфија со 24 поени, но брилјираше повторно и Бен Симонс со „трипл-дабл“ од 17 поени, 13 скока и 10 асистенции.

Двејн Вејд на спротивната страна постигна 25 поени, а Горан Драгиќ заврши со 20 поени.

 

Се вчитува...