Њукасл го слави Исак, голема победа во Нотингем

Њукасл остана во игра за четвртото место во Премиер-лигата откако тимот на Еди Хау по огромна борба успеа да триумфира на гостувањето против Нотингем со 1-2. Александер Исак беше херојот на Њукасл на ова незгодно гостување, шведскиот голгетер постигна два погодоци, оној вториот од пенал во 94. минута на огромна радост на фановите на „црно-белите“ на овој натпревар.

Нотингем сосема неочекувано поведе, по големата грешка на гостинскиот дефанзивец Ботман, по која Денис ја зеде топката во шеснаесетникот, одлично се снајде и стрелајќи над голманот Поуп го донесе домашниот тим во водство.

Тоа беше само причина повеќе за Њукасл да ги зголеми налетите кон противничкиот гол, пристап што вроди со плод пред самиот крај на полувремето, кога Исак одлично се снајде и со велемајсторски удар израмни на 1-1.

Гостинските навивачи имаа причина за радост и во вториот дел, кога Исак нафрли, а Андерсон со глава погоди за 1-2, но еуфоријата траеше само две-три минути, колку што им беше потребно во ВАР собата за да го поништат голот поради офсајд. Њукасл на крај сепак стигна до триумф, откако еден домашен дефанзивец одигра почетнички со рака во сопствениот шеснаесетник, по што Исак од белата точка го комплетираше пресвртот и донесе огромни три бода за својот тим.

Се вчитува...