ОД МОЈ АГОЛ – Горан Андоновски: Ова е неуспех! Македонија од ова СП не доби буквално ништо!

=============================================================================================

Би сакал да дадам генерална оценка на настапот на македонската репрезентација на СП 2019, без разлика што остануваат уште два натпревари, затоа што за мене всушност се се заврши со непласманот во ТОП 12. А, тоа „Президент куп“ е само измислено од ИХФ како утеха за неуспешните. Како секој спортист, Македонец, навивач и учесник на светско и европско првенство секако настапот го оценувам како неуспех! Еве и зошто…

Имавме квалитетен и, можеби некој нема да се согласи со мене, искусен состав. Го имавме еден Кире Лазаров како водач, одличниот на ова првенство голман Борко Ристовски, двајца извонредни пивоти Стоилов и Пешевски, лево крило како Манасков кој е еден од најдобрите на таа позиција во Европа и играчи кои одат во нагорна линија како Талески и Кузмановски, кои само од тактички причини не блеснаа во Германија. Сметам дека и селектирањето не беше во ред, имаше место за некои други ракометари кои соодветно би одговориле на поставените задачи посебно одбраната, деснокрилната позиција и бековската линија.

Од настапот на македонската репрезентацијата на ова Светско првенство не добивме буквално ништо! Освен, ако не се земе во предвид форсирањето на Филип Лазаров пред Талески и Кузманоски кои не добија адекватна минутажа. Ако е тоа некаква добивка!? Ништо ново, ништо специфично, никаков напредок.

РАУЛ ГОНЗАЛЕС Е ОДЛИЧЕН ТРЕНЕР, НО НЕКОРИСЕН ЗА МАКЕДОНИЈА

Раул Гонзалес е тренер кој освои Лига шампиони со Вардар и е тренер на гигант како ПСЖ. Што значи одличен тренер во секој случај. Но, Раул Гонзалес е некорисен за македонската репрезентација. ЕДНО ГОЛЕМО НИШТО. Затоа што во големи клубови со професионалци со кои работиш е леснa задачата да поставиш некои коцки, но во национален тим во кој треба да си иноватор треба да си силен, моќен, мотиватор за да разбудиш оган и национална свест кај секој ракометар со кој располагаш, без разлика искусен или млад.

Откако видовме претходно дека се мачевме со Турција, па катастрофалниот пораз од Грција во квалификациите за ЕП, сега на Светското првенство 2019 селекторот потполно се загуби со играта „7 на 6“ во напад преку која ги загубивме Талески и Кузмановски. Бековите ги направи само додавачи на пивот и крила, и со крајно мала минутажа. По 60 минути игравме „7 на 6“ поради што ги загубивме натпреварите со Шпанија – за само три минути, односно Исланд – за девет минути. Одличната одбрана „пет на еден“ во првото полувреме со Исланд со Кузмановски напред, без никаква причина ја променивме во вториот дел, со Поповски на преден, и го вративме противникот во игра. Не го искористивме потпросечното издание на Исланд со незаинтересираниот Палмарсон кого Борко го откажа уште на почетокот. Никој не може да ме убеди дека во моментов Исланд е подобра репрезентација од Македонија, ниту поискусна. Може да ги убедат само тие што не разбираат ракомет!

РФМ ОВОЗМОЖУВА ИДЕАЛНИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА, НО НЕКОЈ ТОА НЕ ГО КОРИСТИ…

ДОБЛЕСНО Е КИРЕ ЛАЗАРОВ ДА ИМ СЕ ИЗВИНИ НА ТРЕНЕРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА….

Сега, што понатаму? По ова светско првенство сега е момент да се размисли што понатаму. Раководството на РФМ овозможува идеални услови за работа на сите категории и тоа мора да се искористи. Како никогаш досега, Македонија со ова раководство има идеални услови за работа во сите репрезентативни категории!

А, ве уверувам дека квалитетно се работи и во клубовите, секако посебно оние од Супер лигата. Во Еурофарм има одличен тренер, во Пелистер е прекалениот Петковиќ, во Пролет и Металург се перспективните Матлиески и Брестовац, во Струга е Бошковски, а тука се Алушовски и Јовиќ кои работат во сопствени школи. Ако јас се прашувам, доблесно е Кире Лазаров за онаа негова изјава дека оваа селекција и не може повеќе поради лошата работа во клубовите, да се извини на сите погоренаведени кои работат во ладни сали и цел ден се на терен само да може што повеќе да допринесат за иднината на македонскиот ракомет!

Во иднина мора под итно да се прошири рамката на селектирање репрезентативци. Да не се заборави најдобриот дефанзивец Кукоски од Еурофарм, најдобрите леви бекови во Супер лигата, Мартин Манасков од Пролет и Дарко Георгиевски од Охрид, и уште еден одличен дефанзивец од АСОБАЛ лигата, Дарко Димитриески, како и десното крило Костески…

Во Македонија се пријавени 16 младински и 24 пионерски екипи, што доволно кажува дека се работи. Еден Охрид е на прво место во младинската лига, што беше незамисливо до пред некоја година. Ни претстои Светско кадетско првенство во Македонија и на тоа мора да се фокусираме во моментов. Со правилна селекција да играат најдобрите и САМО НАЈДОБРИТЕ, без разлика од кој клуб доаѓаат. А, тој принцип да се применува и во А репрезентацијата, затоа што барем јас сметам дека на СП 2019 не настапија најдобрите од оној втор ешалон ракометари кои ги имаме. Во секој случај, овој спорт секогаш ќе има иднина во Македонија затоа што и народот го сака ракометот!

Се вчитува...