ОД МОЈ АГОЛ – Стевче Алушовски: Не се добива Исланд со деветминутен „пост“…

=============================================================================================

Штета е што не успеавме да го добиеме овој натпревар, на кој одигравме две дијаметрално различни полувремиња. Прво полувреме кое што го одигравме коректно и во нападот и во одбраната, посебно во играта ’7 на 6’, го имавме на голот расположениот Борко Ристовски, ги држевме противниците во една игра без многу трчање што секако е, и ќе биде предност за нашата репрезентација. Одигравме прво полувреме без технички грешки и како плод на таа игра го завршивме полувремето со +2 гола на нашето конто.

Решавачко за конечниот исход на овој натпревар е тоа што направивме многу технички грешки, 12 на цел натпревар од тоа 7 во овој период од второто полувреме кои не доведоа во ситуација девет минути, и покрај тоа што игравме ’7 на 6’ во нападот, да не постигнеме гол.

Играта во одбрана не беше на нивото во второто полувреме, имам забелешки посебно за нашата дуел игра која не постоеше како на овој натпревар, така и на целиот шампионат. Исланд тоа знаеше да го валоризира и да оствари сосема заслужена победа.

Ќе кажам уште еднаш, штета за оваа генерација, што не успеа да избори топ 12, но тоа не треба да ги обесхрабри, главите горе ни престојат уште два натпревари на СП. Треба добра анализа каде грешевме и се надевам дека ќе смогнат сили да не израдуваат на наредните два натпревари.

Се вчитува...