Репрезентативниот голман на Иран, Алиреза Беиранванд, повторно го привлече вниманието на светската фудбалска јавност, овој пат со брилијантен настап на Светското првенство 2026.
Во натпреварот против фаворизираната Белгија, кој заврши без голови (0-0), тој беше клучна фигура во својот тим. Забележа дури седум извонредни одбрани, вклучувајќи неколку реакции на самата гол-линија, што му обезбеди на Иран вреден бод.
Неговата интервенција во 59. минута се издвои, кога спречи речиси сигурен гол – потег кој веќе се смета за една од најдобрите одбрани на турнирот. Така, Беиранванд стана херој на Иран, репрезентација која, поради проблеми со визите и лошите односи на нивната земја со САД, е веројатно најкомплицираната приказна на Светското првенство.
Од номадскиот живот до првата топка
Роден на 21 септември 1992 година во селото Сараб-е Јас во иранската покраина Лорестан, Беиранванд пораснал во курдско номадско семејство. Како најстар син, тој се грижел за стадата на семејството и помагал со секојдневните обврски уште од детството. Слободното време го користел за фудбал, но и за традиционалната игра „Дал Паран“, во која се фрла камен што подалеку – вештина за која многумина веруваат дека е одговорна за неговата подоцнежна сила на рацете.
Својата фудбалска кариера ја започнал на 12-годишна возраст, првично како напаѓач, но по повредата на голманот, завршил меѓу стативите. Неговиот татко не ја поддржал таа одлука, сметајќи го фудбалот за небезбеден пат.
Конфликт со неговиот татко и заминување во Техеран
Конфликтот во семејството достигнал кулминација кога неговиот татко му ја уништил опремата и ракавиците за фудбал. После тоа, Беиранванд решил да го напушти домот, позајмил пари и отишол во Техеран за да се обиде да успее во фудбалот.
По пристигнувањето во главниот град, се соочил со тешка реалност – без пари или сместување, често спиел на улица, вклучително и пред вратите на фудбалските клубови. Во еден момент, минувачите му оставале храна мислејќи дека е бездомник, што му овозможило да го има својот прв вистински оброк по долго време.
За да преживее, работел на разни работни места: во фабрика за облека, во перална за автомобили, во пицерија во замена за храна и сместување, па дури и како чистач на улици. Пресвртот се случил кога бил забележан од тренерот на Нафт Техеран во натпревар од јуниорските категории.
На почетокот, клубот му дозволил да спие во просторијата за молитва, но дури и тогаш патот не бил лесен. По период на несигурност и повреда, се чинело дека ќе се откаже, но неговото враќање во тимот на Нафта до 23 години го означило почетокот на постабилен период и крајот на животот на улица.

Подем и светска афирмација
Своето професионално деби го имал во 2011 година, а набрзо станал прв голман на Нафта, со која постигнал историски успех – трето место во лигата и пласман во Азиската лига на шампиони. Привлекол глобално внимание кога, во натпревар против Трактор Сази, ја фрли топката со рака речиси 70 метри со асистенцја за голот на својот тим, што стана вирално.
Во 2016 година се пресели во Персеполис, каде што освои шест титули во лигата. Дебитираше за иранската репрезентација во 2015 година, а дополнително ја зацврсти својата светска слава на Светското првенство во Русија во 2018 година. Во натпреварот против Португалија, тој го одбрани пеналот на Кристијано Роналдо при резултат 1-0 за Португалија, со што го задржа Иран во игра носејќи го до реми потоа.
Рекордите што го издвојуваат
По настапот во Иран, тој се обиде и во Европа, играјќи за Ројал Антверпен и Боависта, пред да се врати во својата татковина каде што моментално игра за Трактор. Беиранванд е познат и по своите исклучително моќни фрлања на топката со рака, што му донесе два Гинисови рекорди.
Првиот го постави во 2016 година против Јужна Кореја со фрлање од 61,26 метри, најдолго во натпреварувачки натпревар. Вториот рекорд го постигна во 2019 година како играч на Персеполис, кога ја фрли топката неверојатни 78,014 метри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
