Од Работнички и од Шкендија се очекуваше повеќе… Пресметка за „поправен“ во Скопје

Работнички бара спас, Шкендија сака да се доближи кон врвот. Во последниот натпревар од 14.коло во Првата фудбалска лига двата тима влегуваат со различни амбиции, но секако ги посакуваат трите бода. Едно е јасно, и од Работнички и од Шкендија се очекуваше многу повеќе во досегашниот тек од сезоната.

Тренерот на „романтичарите“, Марјанчо Андрески, ги знае квалитетите на Шкендија, но и верува дека неговиот тим може да одигра квалитетен натпревар и да освои бодови, со оглед на незавидната позиција на табелата.

„Шкендија е фаворит, има искусен состав, актуелен првак е. Но, ние играме на домашен терен и се надеваме дека можеме да се спротивставиме и да освоиме бодови. Нема да биде лесно, но на Работнички секој бод му е потребен и ќе се бориме за секоја топка на денешниот меч. Доколку бидеме на потребното ниво, мислам дека можеме да оствариме поволен резултат“, вели Марјанчо Андрески.

Шкендија беше убедлива против Борец во минатото коло, но тренерот Ернест Ѓока неговиот тим да влезе и во континуитет на добри ири и резултати. Тоа е дефинитивно потребно ако клубот од Тетово сака да се врати во битката за шампионската титула. Вардар вчера загуби во Струга, па и тоа е дополнителен мотив за тетовци да одиграат најдобро што умеат.

Во составот најверојатно ќе се вратат и Егзон Бејтулаи и Марјан Радески кои се жалеа на повреди, но последниот збор ќе го има лекарскиот тим на Шкендија.
Натпреварот меѓу Работнички и Шкендија е закажан за 13 часот, на Националната арена „Тодор Проески“, а ќе го суди Александар Ставрев.

Се вчитува...