Одбојкарите ќе дебитираат во Европската златна, одбојкарките во Европската сребрена лига

Македонските обојкари ќе дебитираат во Европската златна, а македонските одбојкарки во Европската сребрена лига 2023. година ќе биде уште една година за наша репрезентативна одбојкарска историја откако ОФМ реши да пријави настап на двата сениорски национални состава во годишните натпреварувања на ЦЕВ.
По четири сребрени медали и две бронзи најпрво во единствената Еврпопска, а потоа во таканаречената Европска сребрена лига, машката селекција првпат ќе игра во Европската златна лига. Во групата „Б“, црвено-жолтите ќе ги одмерат силите со Украина, со Белгија и со Хрватска, а пресметките со овие силни репрезентации ќе послужат како подготовка за учеството на Европското првенство на коешто коорганизатор ќе биде и Македонија.
Во лигашкиот систем од 27-ми мај до 8-ми јули, редоследно ќе се игра против Украина на гости во Полска, па со Белгија и со Хрватска во Скопје, потоа на гости во Белгија и во Хрватска, а групата ќе ја завршиме со домашен меч против Украина. Во групата „А“ се Турција, Португалија, Романија и Данска, а во групата „Цеж“ Финска, Чешка, Словачка и Естонија. Првопласираните селекции од трите конкуренции ќе обезбедат место на завршниот турнир кај домаќинот Хрватска на 24-ти и 25-ти јуни.
Во истиот период, македонската женска сениорска репрезентација првпат ќе исчекори на оваа меѓународна сцена. По годинашната организација на континенталниот собир за одбојкарки до 19 години, ОФМ го пријави сениорскиот тим во Европската сребрена лига, а во деби настапот, Македонија ќе игра во групата „А“ со Австрија, со Естонија и со Летонија. Во групата „Б“ се Црна Гора, Португалија, Грузија и Фарски острови. Како и кај одбојкарите, системот е лигашки, што значи дека ќе има шест средби, дома и на гости. Завршниот турнир е закажан во Австрија на 24-ти и на 25-ти јуни.

Се вчитува...