Одбојкарите од вечерва во Бари – финални подготовки за спектаклот со Италија (ФОТО)

Македонските одбојкари, со чартер лет заедно со селекциите на Полска, Чешка и Холандија, пристигнаа во Бари каде во сабота ги очекува осминафиналната пресметка со домаќинот Италија на Европското првенство 2023.

Македонија за првпат во својата историја е дел од ТОП 16 на Стариот континент. Мегданот против најголемиот фаворит за освојување на европската круна Италија кој ќе се игра во сабота (9. септември), од 18 часот во спортскиот комплекс „Палафлорио“ во Бари, е дефинитивно силен предизвик за избраниците на Јошко Миленкоски кои нема што да загубат.

Сигурно ги очекува вистински спектакл за паметење. Спортскиот центар Палафлорио е еден од најмаркантните во јужна Италија, со капацитет од 6.000 седишта кој дефинитивно ќе биде исполнет до последното место за осминафиналето против Македонија.

Во останатите осминафинални натпревари кои ќе се играат во Бари ќе се сретнат и Холандија – Германија (9. септември, 21 ч.), Србија – Чешка (10. септември, 18 ч.) и Полска – Белгија (10. септември, 21 ч.).

Се вчитува...