Против Чешка во клучниот меч за избегнување на Италија и закажување „мегдан“ со Србија

Одбојкарската репрезентација на Македонија вечерва ќе се сретне против Чешка во директниот дуел за 3. место во групата во Скопје и одбегнување на актуелниот светски шампион Италија во осминафиналето.

Селекторот на репрезентацијата Јошко Миленкоски вели дека доколку капитенот Никола Ѓоргиев не биде подготвен за овој меч неговите избраници ќе имаат тешка задача.

„Ќе биде многу тешко против Чешка без Ѓорѓиев. И да игравме против Данска и Црна Гора повторно ќе беше претешко. Ние немаме долг ростер со многу алтернативи на клупа“, вели Миленкоски.

Капитенот Ѓоргиев е позитивен и се надева дека ќе биде подготвен за денешниот натпревар…

„Се надевам дека ќе бидам максимално подготвен за натпреварот со Чешка кој е клучен за нас за да ја избегнеме Италија во осминафиналето. Искрено не паметам кога последен пат сум бил на клупа за македонската репрезентација. Но, без разлика на се, дали ќе играм или не, ја повикувам македонската публика да ја наполни салата во ‘Борис Трајковски’ и да даде поддршка за овие момци затоа што заслужуваат“, изјави Ѓоргиев. 

Натпреварот меѓу Македонија и Чешка со кој ќе се затвори групната фаза во Скопје ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје со почеток во 20 часот.

Со пораз Македонија како четвртопласирана ќе игра со Италија во осминафиналето, првопласирана од Групата А, а доколку ги победиме Чесите тогаш ќе се игра со Србија која заврши на втората позиција во Групата А.

Се вчитува...