Одбојкарките за малку ќе освоеја сет против Летонија (фотогалерија)

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија претрпе уште еден пораз во рамките од Сребрената европска лига, овојпат губејќи на домашен терен од селекцијата на Летонија со 0-3 во сетови. Нашите одбојкарки имаа убава можност да освојат сет на самиот почеток, откако во неизвесна завршница загубија со 23-25, по што немаа сили да продолжат во ист ритам и во остатокот од денешниот натпревар.

Првиот сет донесе израмнета битка во која двете селекции се менуваа во водство. Летонките први посериозно се одлепија поведувајќи со 23-19, но Македонија со неколку одлични поени стигна до 24-23. Во клучниот поен нашите одбојкарки имаа два напади што не успеаја да ги претворат во израмнување, по што гостинките триумфираа со 25-23.

Ритамот на игра на македонскиот национален тим падна во наредниот дел од мечот, па така Летонија го доби вториот сет со 25-18, по што противничките рутински го добија и третиот, славејќи со 25-18, за максимална победа од 3-0 на овој натпревар.

Женската одбојкарска репрезентација својот меч од третото коло ќе го игра на 3 јуни, повторно на домашен терен, против селекцијата на Естонија, која има две победи по првите две рунди во групата.

Се вчитува...