Одбојкарски хаос: Борец славеше победа, судијата ги врати велешани од соблекувална и го загубија мечот

Почетокот на сезоната во одбојкарскиот шампионат го одбележа неверојатната случка на дуелот меѓу Лирија и Борец од Велес, на кој гостите се израдуваа на конечна победа од 1-3 во сетови, за неколку минути подоцна судијата да се премисли и да ги врати велешани буквално од соблекувалната.

Судијата тогаш им соопштил на одбојкарите на велешки „Борец“  дека досудува мртва топка наместо поен за велешките одбојкари, а шокираните гостински играчи наместо да го добијат сетот со 23-25 на крајот загубиле со 26-24. Со овој резултат домаќините израмниле на 2-2 во сетови, за потоа на крајот Лирија да слави и со 3-2, триумфирајќи со 15-11 во тајбрејкот.

„Сакам да појаснам зошто одлучивме да се вратиме на теренот. Имено, тренерот на гостинската екипа, кој е исто така подпредседател во одбојкарската федерација и член на извршниот одбор редовно создава огромен притисок преку закани кон судиите. /oвојпат судиската двојка потклекна под тој притисок, а ние плашејќи се за безбедноста и заштитата на нашите играчи и заштита на судиската двојка , одлучивме да се вратиме на терен и ревијално да го завршиме натпреварот како би можеле безбедно да ја напуштиме салата. Искрено верувам во одбојкарската федерација која ќе ја донесе одлуката за 3-1, конечен резултат во корист на ОК БОРЕЦ од Велес“, истакнува тренерот на ОК Борец, Деан Стојанов.

Според стратегот на велешани, сериозно прекршување на правилата направиле и официјалните лица на мечот.

„Исто така морам да надополнам со непознавање на одбојкарското правила и носење одлука под притисок и закани кулминираше кога судиската двојка предводена од делегатот не дозволи загревање по прекинот кој траеше повеќе од 30 минути и не дозволи да се даде изјава од двете страни што е спротивно од правилникот за натпреварите од ОФМ. Мислам дека е направена материјалната повреда кон екипата на ОК БОРЕЦ и најавивме приговор каде што со снимката од натпреварот ќе ја докажеме нашата вистина“, порачува Стојанов.

Се вчитува...