Одбојката ни тоне: Нов пораз од Албанија

Одбојкарската репрезентација на Македонија го претрпе и третиот пораз во четвртиот меч од Европската сребрена лига, откако нашите одбојкари вторпат за четири дена загубија од селекцијата на Албанија, овојпат со 3-1 во сетови. Отсуството на Милев, како и неколкуте чудни судиски одлуки никако не смеат да бидат изговор за новото слабо издание, кое е најава дека одбојката во последната година се движи во погрешен правец.

Албанците осоколени по победата во Скопје одлично го стартуваа дуелот и го добија првиот сет со 25-20, но нашите репрезентативци предводени од капитенот Никола Ѓоргиев вратија со иста мера, израмнувајќи на 1-1. Третиот сет мина во апсолутна доминација на Албанците, кои славеа со убедливи 25-16. Македонија имаше одлични „плус четири“ по серијата добри сервиси на Ѓоргиев, но нашата селекција потфрли во завршницата, дозволувајќи им на мотивираните домашни одбојкари да направат пресврт и да слават со 25-22.

Македонија по овој пораз остана на третото место на табелата со само четири бода по четири одиграни средби. Во следното коло нашите одбојкари го пречекуваат лидерот Романија, дуел на кој мораат да слават доколку сакаат да си ги задржат минималните шанси за пласман во следната фаза.

Се вчитува...