Одбрана, што беше тоа: Задоцнет финиш и пораз на МЗТ во Мостар

МЗТ Скопје и на второто гостување во АБА2 лигата претрпе пораз, овојпат на дуелот во Мостар против Зрињски со резултат 93-87. И доколку неуспехот во Словенија против Приморска беше несреќен и победата им се лизна низ прсти на „металците“, тоа воопшто не беше случај денеска, откако МЗТ 39 минути беше во негатива, од кои поголем дел во двоцифрен заостаток. Очајното издание во одбраната и примените 76 поени во првите три четвртини беше главна причина за ова фијаско од кое ќе мора да се извлече поука ако се сака да се остане сериозен во обидите за влез во елитното друштво од АБА-лигата. Задоцнетиот финиш откако победникот беше решен може да послужи само за подобрување на кош-количникот, но јасно е дека во играта на „сино-белите“ има проблеми кои мора час поскоро да бидат решени.

МЗТ Скопје од самиот почеток инсистираше на удари од далечина, шутирајќи пет тројки во првите четири минути од кои „сино-белите“ погодија само една, онаа првата на Дамјан Стојановски. На спротивната страна Зрињски експресно нанижа 14 поени во низа, па дури откако домаќинот поведе со двоцифрена разлика (14-3) тренерот Кочов побара тајмаут. Зрињски го контролираше темпото, пред крајот на четвртината поведе со 25-10, пред Иванов да влезе во ритам и да ја намали предноста на домашниот тим на 25-16.

На стартот од вториот период во ритам влезе и поранешниот „металец“ Бакиќ, одбраната на МЗТ воопшто не функционираше, па шампионот на БиХ поведе и со најубедливи 18 поени разлика (48-30). Иванов беше единствен расположен за игра и за момент ја намали предноста на домаќините, но Зрињски сепак замина на одмор со убедливи 51-36, дваесет минути игра во кои дефанзивата на аеродромци целосно потфрли, а недостигаше и агресивност, па во овој период беа направени само седум лични грешки.

На почетокот од третата четвртина претставникот на БиХ стигна до преубедливи 58-39, резултат при кој МЗТ Скопје конечно се разбуди, па со серија од 0-10 барем за момент се врати во натпреварот. Сепак, Рамљак во следните четири минути самиот постигна десет поени, враќајќи ја предноста на домаќините на удобни „плус 15“ (71-56). Истиот кошаркар во преосанатата минута од третата четвртина постигна уште пет поени, па МЗТ се најде во огромна негатива од „минус 20“ (76-56).

Во првите пет минути од четвртиот период МЗТ намали на 82-71, но предноста беше спуштена под десет поени предоцна, на две и пол минути до крајот, кога Младеновски погоди за 84-76. На 70 секунди до крајот македонскиот вицепрвак дојде на само пет поени разлика (86-81), но Рамљак со тројка стави крај на сите надежи за чудесен камбек. Симоновски возврати со две тројки во последната минута, но домашните кошаркари имаа мирна рака од линијата за слободни фрлања и на крајот заслужено го добија овој натпревар со конечни 93-87.

Иванов со 26 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, Симоновски постигна 20, а Младеновски 14 поени за „металците“, додека убедливо најдобар поединец на натпреварот беше Рамљак со 35 поени, пет скока и пет асистенции.

Во рамките од шестото коло од АБА2 лигата МЗТ Скопје ќе го пречека тимот на Сплит.

Се вчитува...