Одмазда за ФА Купот: Челси го прескокна Лестер на табелата во Премиер-лигата

Челси славеше со 2-1 на дербито со Лестер, успевајќи да ги прескокне „лисиците“ на третото место на табелата, правејќи огромен чекор напред кон обезбедување на место во ЛШ за наредната сезона. Воедно, оваа победа претставуваше одмазда на лондонскиот клуб кон незгодниот ривал за поразот во финалето од ФА Купот претрпен пред само неколку дена на „Вембли“.

Првото полувреме мина во далеку подобра игра на домаќините, Тимо Вернер постигна два погодоци, но двата беа поништени со ВАР. Иницијативата вроди со плод на почетокот од второто полувреме, кога Рудигер одлично се снајде по еден корнер и го совлада Шмајхел. Жоргињо постигна гол од пенал за 2-0 откако ВАР овојпат му помогна на Тимо Вернер, со досуден пенал по стартот на Фофана врз германскиот напаѓач.

Кога се чинеше дека триумфот е сигурен, Ковачиќ почетнички загуби топка пред својот шеснаесетник, а Ихеаначо ги казни домаќините со гол за 2-1. Гостите се обидоа да се спасат од пораз, но Ајозе Перез пропушти зицер во 90. минута.

Челси сега е третопласиран со 67 бода, Лестер има 66, додека Ливерпул на петтото место има 63 бода, но и можност со триумф утре против Барнли да го стигне Лестер на табелата. Во последното коло Челси ќе гостува на Астон Вила, Лестер ќе биде домаќин на Тотенхем, додека Ливерпул на домашен терен ќе се сретне со Кристал Палас.

Се вчитува...