Римас Куртинаитис од денеска повторно е селектор на Литванија, откако 64-годишниот стручњак го потпиша договорот за соработка со новиот претседател на федерацијата, Миндаугас Балчиунас. Литванците брзаа да именуваат нов селектор во пресрет на ноемврискиот двомеч со Македонија во квалификациите за Евробаскет 2025 а прв пик на новото раководство од самиот старт беше Куртинаитис.
Тој моментно работи на клупата на Сабах во Азербејџан, но двете страни се договорија Куртинаитис да продолжи со клупскиот ангажман, а потоа на крајот од сезонава целосно да се посвети на селекторската работа. Потпишаниот договор е на четири години, до крајот на олимпискиот циклус за ОИ 2028 во Лос Анџелес.
„Пред се би сакал да се заблагодарам на луѓето од федерацијата, како и на оние од тренерското здружение за укажаната доверба. Ова е сериозна работа, со високи цели поставени пред нас, предизвици што и јас амиот си ги поставувам. Најважно е најпрвин да се пласираме на Европското првенство што ќе се одржи следното лето. Се уште е рано да кажеме нешто поконкретно, бидејќи не знаеме со каков тим ќе настапивме, но верувам во успех“, изјави Куртинаитис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА