Официјално: Ливерпул без Салах и Фирмино во реваншот против Барселона

Најдобриот стрелец на Ливерпул, Мохамед Салах ќе го пропушти реванш дуелот против Барселона во полуфиналето од Лигата на шампионите, поради повредата на главата која ја заработи на мечот со Њукасл во Премиер-лигата.

Салах во натпреварот на „Сент Џејмс парк“ со судри со голманот на домаќините Мартин Дубравка, по што остана без свест и на носилки беше изнесен надвор од теренот. Утврдено е дека повредата не е сериозна, но сепак лекарскиот тим на Ливерпул инсистираше тој да паузира минимум шест дена и да помине два специјални теста пред да добие зелено светло за камбек.

Бидејќи мечот со Барселона е во вторник, односно три дена по заработувањето на повредата, Салах нема да биде во составот за мечот. Повредата на Салах е дополнителен удар за Јирген Клоп, бидејќи на мечот против каталонскиот гигант нема да може да смета и на Роберт Фирмино.

Во првиот натпревар кој се играше на „Камп ноу“ Барселона го победи Ливерпул со 3-0.

Се вчитува...