Официјално: Новак Ѓоковиќ нема да игра на УС Опен

Најдобриот тенисер на денешницата, Новак Ѓоковиќ потврди дека нема да настапи на престојниот УС Опен. Како причина останува неможноста за патување во Соединетите Американски Држави со оглед на забраната за влез на луѓе кои не се вакцинирани против Ковид-19.

Србинот во претходниот период доби голема поддршка од голем број на славни личности, но ни овој пат не доби „пропусница“ како во случајот со Австралија Опен.

„За жал, оваа година нема да се натпреварувам во Њујорк. На сите играчи им посакувам добар турнир. Благодарност до моите навивачи за сета љубов, поддршка и охрабрување. Продолжувам да ја одржувам формата и оптимизмот и се радувам на новите натпревари. Се гледаме наскоро“, стои во објавата на Ѓоковиќ.

Новак Ѓоковиќ е трикратен освојувач на УС Опен. Првиот трофеј во Њујорк го освои во 2011 година, а потоа се радуваше на триумфи во финалето и во 2015 и 2018 година.

Се вчитува...