Охрид прими 44 гола за збогување од Европа

Ракометарите на Охрид со нов убедлив пораз ја завршија својата европска авантура, откако загубија и на вториот дуел од двомечот со Порто со двоцифрена разлика, овојпат со 44-26. Откако првиот меч вчера заврши со убедливи 37-20 за Порто, португалскиот вицешампион ниту денеска не покажа милост за македонскиот претставник во ЕХФ-купот.

Охриѓани одиграа очајно во одбраната во првото полувреме, во кое за 30 минути примија дури 25 гола (25-13). Фактот дека овој резултат немаше преголемо резултатско значење овозможи и двете екипи да одиграат без премногу жар во дефанзива, па денешниот реванш дуел заврши со вкупно 70 постигнати погодоци, од нив дури 44 во мрежата на македонскиот претставник.

Адамовиќ со седум погодоци беше најдобар стрелец на Охрид на овој натпревар, пред Димитријески и Тасески со по пет гола.

Се вчитува...