Охрид викендов живее со атлетиката – Рекорден број учесници од 28 држави на „Охрид ТрчаТ 2023“!

Охрид е подготвен за уште едно атлетско уживање со една од најпрестижните спортски манифестации на градот „Охрид Трчат 2023“.

Рекордни 1930 учесници од 28 држави ќе бидат дел од седмото издание на атлетскиот викенд „Охрид трчаТ 2023“, кој од денеска па до недела ќе се одржува покрај Охридското езеро.

„Имаме 1930 учесници од 28 држави, 320 на полумаратон, 50 во шатфетен полумаратон. Бројките навистина многу брзо ни растат. Не охрабрува процентот на странски тркачи кој изнесува 46 и се надеваме дека во тој дел уште повеќе ќе растеме. Ако е ова некој официјален дел на „Охрид трчаТ“ нека биде и официјален почеток на успешна туристичка летна сезона во Охрид. Како организација ни е императив се тоа што организираме да е надвор од главната сезона за да можеме бенефитот на охридската заедница да го зголемиме. „Ohrid running weekend“ денес официјално започнува со ноќната трка, која е надвор од конкуренција, а утре имаме многу социјални активности, од посета на Свети Наум, крстарење, традиционално и панел дискусија од 17 часот на тема „Регионалната соработка VS спортските настани“. Во овие три дена имаме еминентни гости меѓу нив директорите на Дубровник маратонот и Белград маратонот, како и директорот со потекло од Македонија, Сашо Беловски, од RunCzech маратонот“ – истакна директорот на трката, Иван Цветкоски на денешната прес-конференција во Охрид.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, од организаторите го доби стартниот број 1 за трката на 5 километри, потенцирајќи го значењето на оваа манифестација за градот како начин за промоција на спортувањето и физичката активност.

„Сите ние знаеме колку е значајно спортувањето и физичката активност, како и дружењето и рекреирањето. Годинава имаме рекорден број учесници на „Охрид трчаТ“, а овој настан претставува и најава на претстојната туристичка сезона. Странските учесници на настанот одблиску ќе го запознаат Охрид и неговата убавина, секако и изобилството на историски и културни знаменитости. Верувам дека покрај настанот „Охрид трчаТ“, ќе не посетуваат секоја година“ – истакна Пецаков, кој информираше дека во август ќе има и една недела „Фестивал на водени спортови“.

„Се надевам дека и таа манифестација ќе го следи успехот на „Охрид трчаТ“ овие седум години. И се надевам дека овие две манифестации ќе имаат удел во вкупната бројка на туристи кои ќе не посетат првично поради манифестациите, а потоа и за уживањето во убавините на Охрид“.

Спортски директор на „Охрид трчаТ“, Јоне Станкоски информираше дека денеска со почеток во 21 часот ќе биде одржана ноќната трка која е комбинација на забавно-рекреативно трчање и музика и таа претставува симболичен старт на „Ohrid Running Weekend“. Должината на патеката е 2 километри, а стартот е кај Куба Либре.

„Целокупниот овој викенд само значи дополнителна промоција и на Охрид како град но и потикнување на поединецот за практикување на спортот, нешто што е од огромно значење за целото општество“ – истакна Станкоски.

Главните трки на „Охрид ТрчаТ 2023“ се во недела, полумаратонот од 21 километар, трката на 5 километри и штафетниот полумаратон. Стартот на трките е во 8:30 часот. Ќе се трча по старата патека која беше од пред две години. Штафетниот полумаратон и трката на 21 км се трчаат во два круга. Стартот е на „Кеј Македонија“, па се продолжува по „Македонски Просветители“, „Партизанска“, се врти лево кај Гимназијата, по „Димитар Влахов“ повторно се излегува на „Македонски Просветители“, на булевар „Туристичка“, лево кон Горна Порта, по Илинденска се спушта надолу, по Кејот и се продолжува до кружниот тек пред плажата „Горица 2“. Се враќаат назад, преку мостот кај „Ројал“, се врти десно и се оди повторно кај Гимназија. Се врти уште еден таков круг и третиот пат се оди на финиш, по „Димитар Влахов“ се врти лево на „Македонски Просветители“ до целта на Кеј. Трката на 5 км ја има истата траса, кога ќе се стигне на кај „Ројал“ се врти лево и повторно лево кај Комерцијална банка, по „Партизанска“ на „Македонски Просветители“ до стартот, односно финиш зоната.

На тркачката патека има 12 освежителни пункта, а осум медицински екипи ќе се грижат за безбедноста на тркачите на исто толку пунктови, како и мобилни медицински екипи на велосипед, кои ќе бидат во функција на тркачите.

Наградниот фонд за победниците на полумаратонската трка е 300, 200 и 100 евра во машка и женска конкуренција, а тие ќе добијат и бисери од Филеви.

Се вчитува...