Охриѓани најавуваат реакција до РФМ: Дали некој има нешто против РК Охрид!?

Од таборот на РК Охрид на денешната прес-конференција искажаа отворено незадоволство од изоставањето ракометари од нивниот клуб во составот на кадетската репрезентација на Македонија.

Охриѓани стигнаа до вицешампионската титула во младинска конкуренција, а на списокот на селекторот Данило Брестовац за Меѓународниот турнир „Бугојно 2019“ во Бугарија не се најде ниту еден ракометар од РК Охрид.

„Никогаш не сум сакал да реагирам на ваков начин, посакувајќи секогаш како клуб да сме објективни и со ладна глава да го резонираме изборот на ракометари повикани за да настапат за националната селекција. Но, со последниов список на играчи повикани да настапат за кадетската селекција на турнирот во Бугојно сериозно се прашуваме како клуб дали некој има нешто против РК Охрид. Младинската екипа на РК Охрид беше втора на завршниот турнир викендов и тоа во драматичен финиш загубивме во финалето. Во цела сезона имавме еден пораз и тоа на натпревар без натпреварувачко значење. Селекторот и директорот на репрезентација беа присутни на финалниот турнир и можеа да ги видат квалитетите на сите играчи. И сега при сите овие околности да не биде повикан ниту еден играч на РК Охрид сериозно е во најмала рака некоректно. Жалосно е што очигледно овде станува збор за тоа кој има поголема суета, меѓутоа колатерална штета се младите играчи. Денес тоа се од Охрид, утре ќе бидат од РК Струга, задутре од Битола, Прилеп… Ние како клуб ќе се обратиме до матичната федерација на наредната седница да ни дадат едно објаснување директорот и селекторот по кои критериуми се бираат репрезентативците, а ние како клуб уште појако ќе се посветиме на работа со младинските категории“ истакна спортскиот директор на РК Охрид, Горан Недески.

Инаку, и тројца ракометари на Охрид се најдоа во изборот за најдобриот тим на сезоната во младинска селекција во Македонија, десното крило Наум Костов како најдобар стрелец, средниот бек Мартин Ивановски и пивотменот Кристијан Димитриески, а одличен настап имаше и Даниел Андоноски.Но ниту еден од нив не се најде на списокот на Данило Брестовац.

ФОТО: www.ohridnews.com.mk

Се вчитува...