Охриѓани приредија ракометна фешта, но бодовите ги освои Вардар

Шампионот Вардар прокнижи нови бодови во ракометниот плејоф откако по голема борба славеше на гостувањето против Охрид со 23-27. Охриѓани заслужуваат честитки за борбата на теренот, но уште повеќе за одличната атмсофера на трибините во која беше одигран овој интересен натпревар. На крајот сепак пресуди искуството на „црвено-црните“, кои не дозволија да потпаднат под притисокот од трибините, ги задржаа нервите во клучните моменти и заслужено се радуваа на победата.

А почетокот воопшто не најавуваше драматичен меч, откако Вардар доминираше на самиот старт. По израмнетите 1-1 следеа четири гола во низа и рано водство од 1-5 на актуелниот првак. Охрид во првите 19 минути од мечот имаше постигнато само два гола (2-8), но како што одминуваше времето така домаќините успеваа да влезат во ритам, до крајот наполувремето успевајќи да намалат на 12-15.

На почетокот од в ториот дел Охрид не искористи напад при 13-15, но домаќините не се откажуваа, продолжувајќи целосно да му парираат на големиот фаворит. Возбудата достигна кулминација во самиот финиш, кога Охрид се приближи на 22-23, имаше и ракометар повеќе две минути, но Вардар знаеше како да го приведе мечот до крај, со гол на голманот Томовски со звукот на сирената стигнувајќи до триумф.

Филип Талески со осум гола беше најзаслужен за овој триумф, пет погодоци за Вардар постигна Манасков, додека најефикасен кај Охрид беше Каракоќ со пет погодоци.

Се вчитува...