Омерагиќ пред дебито на ЕП: Некој да ми кажеше дека ова ќе ми се случи, немаше да му верувам…

ЕКИПА во Дизелдорф,

Стеван Цаневски

Едвин Омерагиќ ќе го има своето деби за Македонија на големите натпреварувања, и тоа против актуелниот олимписки првак Франција. За остварувањето на сонот да биде уште поголемо, мечот ќе биде одигран на фудбалски стадион пред 55.000 навивачи, а младиот ракометар на Алкалоид не го крие воодушевувањето што ќе добие шанса да настапи на оваа средба.

„Кога се игра за репрезентацијата на Македонија секогаш постои возбуда и онаа позитивна трема. Ова ќе биде мојот прв натпревар за репрезентацијата на едно вакво големо натпреварување. Деби, на фудбалски стадион, пред повеќе од 50.000 гледачи и тоа против Франција. Ова е исполнување на сон. Некој да ми зборуваше дека вака ќе биде, немаше да му верувам“, вели Едвин Омерагиќ.

За квалитете на противникот не треба да се трошат премногу зборови, свесен е специјалистот за дефанзива на Алкалоид и на националниот тим.

„Играњето против Франција е посебен предизвик. Против себе ќе ги имаме најголемите светски имиња. Каде и да погледнеш има ѕвезда, буквално на секоја позиција од тимот. Напред е Никола Карабатиќ, погледнеш десно Дика Мем, на линија Фабрегас. Ќе биде голема борба. Прекрасно е чувството, голема возбудата и сите со нетрпение го чекаме овој дуел“, порачува Омерагиќ.

Се вчитува...