Опасно по живот: Лондонски банди во „војна“ за Озил и Колашинац

Месут Озил и Сеад Колашинац сосема неочекувано се најдоа во центарот на пресметка меѓу лондонски банди, што беше иницирана од нападот на двајцата фудбалери на Арсенал во центарот на британската престолнина. Колашинац тогаш успеа да го одбрани својот тимски колега, а по нападот на двајцата „топчии“ се јавила лондонска банда со членови од Источна Европа, која им порачала на ривалите дека „Озил и Колашинац не смеат да бидат допрени“.

Ова само уште повеќе придонело да дојде до зовривање на страстите, откако дел од останатите банди за инает на ривалите сега порачуваат дека „тргнуваат со сите сили по двајцата фудбалери“.

Дека работата не е нималку наивна доволен доказ е дека во петокот пред куќата на Озил биле уапсени две лица со криминално минато. Токму по тој инцидент било објавено дека двајцата фудбалери нема да играат против Њукасл, а Унаи Емери стравува дека Озил и Колашинац ќе пропуштат уште неколку натпревари на својот тим пред целиот конфликт да биде разрешен.

Пред куќите на фудбалерите има 24-часовно приватно обезбедување, а сопругите на Озил и на Колашинац веќе си заминале од Лондон и неколку дена се во Германија, без најава дека ќе се вратат во блиска иднина.

Се вчитува...