Освоена и Будимпешта, вардарки „мелат“ се пред себе во ЛШ

Ракометарките на Вардар во петтото коло од Лигата на шампионите ја забележаа и петтата победа, овојпат на гостувањето во Будимпешта против ФТЦ со резултат 28-29. „Црвено-црните“ одиграа уште еден квалитетен натпревар, осигурувајќи си го првото место во групата, но исто така и истакнувајќи ја својата сериозна кандидатура за сезонава конечно да се искачат на врвот на ракометна Европа и во женска конкуренција.

„Вардарки“ го почнаа мечот со експресно водство од 0-2, резултат при кој Лејно одбрани седмерец и ја најави својата најнова одлична партија. Унгарските ракометарки потоа успеаја да се консолидираат и да стигнат до изрaмнување, но македонскиот првак повторно ја презеде контролата над играта и резултатот. Во неколку наврати избраничките на Дибирова имаа предност од по четири гола, па на одмор се замина со резултат 12-16 за „црвено-црните“, пред се благодарение на Лејно, која имаше 40% успешност во своите интервенции.

Сепак, домашните ракометарки не се предадоа, туку во второто полувреме влегоа максимално мотивирани. Ваквиот пристап им вроди со плод, па ФТЦ експресно се врати. При резултат 21-22 Лакабрер не реализираше пенал (неуспешен обид за лоб), по што Унгарките веднаш казнија и на девет минути пред крајот резултатот беше израмнет на 23-23. И повторно кога беше најважно Вардар заигра најдобро, па на крајот македонскиот првак заслужено славеше со 28-29 (на една минута пред крајот резултатот беше 26-29, па триумфот не беше доведен во прашање), за своја петта победа во петтото коло од Лигата на шампионите.

Андреа Пенезиќ со девет гола повторно беше најефикасна кај „црвено-црните“, Цвијиќ и Лакабрер постигнаа по пет, а Радичевиќ запиша четири погодоци во новата победа на „вардарки“.

Се вчитува...