Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Татабања нема да биде единствениот неодигран натпревар од групата Д од Лигата на Европа, откако попладнево беше објавено дека нема да се игра ниту мечот во Германија меѓу Рајн-Некар Левен и Тримо Требње.
Словенечкиот тим вчера допатува во Манхајм и одржа тренинг, но најновите тестирања покажале еден позитивен случај на коронавирус во таборот на Тримо. Иако според протоколот на ЕХФ мечот можеше да се игра со тоа што заразениот ракометар ќе биде ставен во самоизолација, овојпат одлуката ја донесоа градските власти на Манхајм, забранувајќи го одржувањето на натпреварот со оценка дека станува збор за преголем ризик за здравјето.
„Лавовите“ ја потврдија информацијата за откажувањето на својата веб-страница, најавувајќи дека последниот збор околу тоа дали ќе биде доделена службена победа или ќе биде утврден нов термин ќе го има ЕХФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА