Отпор или дебакл: Што може Македонија против европскиот шампион?

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

По еден ден пауза, македонските репрезентативци ќе излезат на ракометната сцена на „Олимпија хале“, во 20.30 часот почнувајќи го дуелот со моќната Шпанија. Фактот дека од другата страна ќе го имаат актуелниот европски првак e јасен показател зошто Македонија ќе ја има улогата на аутсајдер на овој натпревар, но нашите ракометари се решени да дадат се од себе за сериозно да му се спротивстават на фаворитот.

За потсетување, Македонија пред две години во Мец одигра одлично, речиси цел натпревар им парираше на Шпанците и на крајот загуби со 29-25. Како негативен пример го имаме ланскиот дуел од Вараждин, кога во првото коло од втората рунда Шпанија ја декласираше Македонија со 31-20, меч во кој на самиот почеток останавме без Кире Лазаров, кој поради повреда не настапи до крајот на ЕП во Хрватска.

„Шпанија има и искуство и квалитетни играчи, а ние треба да играме најдобро што знаеме, да се обидеме да ја наметнеме нашата игра бидејќи само така би имале шанса за добар резултат. Шпанија не блескаше во првите три средби, но кога ќе посакаа, Шпанците ќе заиграа подобро и ќе направеа разлика, тоа е одлика на најголемите репрезентации“– истакна Раул Гонзалес во пресрет на денешниот натпревар.

Македонија утре во 18 часот го игра последниот натпревар од групата Б против Исланд, дуел на кој „црвено-жолтите“ во секој случај ќе мораат да победат за пласман во следната фаза.

Се вчитува...