„Падна“ и аеродромската „тврдина“: МЗТ со нов инфаркт-пораз од Приморска

МЗТ Скопје го претрпе првиот домашен пораз во АБА2 лигата сезонава откако во дерби-дуелот од регионалното натпреварување загуби на свој терен од Приморска со минимални 77-78. Откако во „инфаркт завршница“ го загуби и првиот меч од истиот ривал во Словенија, македонскиот претставник и денеска беше на чекор до победата, но гостите со поените на Шишко на една секунда до крајот стигнаа до цел плен. Бојиќ беше трагичарот, откако најпрвин во одбраната му дозволи на Шишко да поентира, а потоа промаши зицер во последната секунда со кој можеше да донесе радост на домашната публика.

Гостите од Словенија многу подобро го отворија натпреварот. МЗТ не само што имаше проблеми во нападот, во отсуство на повредениот Медфорд, туку и очајно ја бранеше транзицијата на противникот. По само неколку минути игра гостинскиот состав поведе со 3-12, принудувајќи го тренерот Кочов во раната фаза од натпреварот да побара тајмаут. Иве Иванов погоди две тројка и ја стопи негативата, но хрватскиот интернационалец нешто подоцна направи две лични грешки и мораше да биде заменет. Приморска ја доби првата четвртина со 17-21, а кризата на МЗТ Скопје во нападот продолжи и во вториот период. „Сино-белите“ во овој дел од мечот постигнаа само 11 поени, па на одмор заминаа со двоцифрена негатива од 28-38.

За разлика од првото полувреме, стартот на третата четвртина мина во знакот на македонскиот претставник. За помалку од две минути избраниците на Кочов направија серија од 7-0 и се вратија резултатски. При резултат 35-38 Иванов не реализираше чисто положување, а Приморска го искористи тоа за повторно резултатски да се одлепи. Сепак, македонските кошаркари веќе добија на самодоверба во нападот, капитенот Стојановски врза пет поени во низа, па во последната четвртина се влезе со минимална предност на словенечкиот тим од 52-54.

Се разбуди и публиката, домашните играчи добија на самодоверба, па со поените на Вудард тимот на МЗТ стигна до израмнување (67-67) на четири минути до крајот од натпреварот. Американецот реализираше и една минута подоцна, за водство од 69-67, по што дојде ред гостинскиот тренер да побара тајмаут за да ги алармира своите кошаркари.

Кога беше најважно, проработе шутот од далечина на Приморска, па гостинските кошаркари во наредните три напади погодија три тројки (два пати прецизен беше Шишко, а еднаш Хоџиќ). Сепак, и МЗТ имаше свои адути, па со тројките на Стојановски и на Магдевски „металците“ влегоа во последната минута со предност од минимални 77-76. Македонскиот вицешампион имаше и напад за да ја завери победата, но обидот за тројка на Вудард беше непрецизен, по што гостите ги добија последните 24 секунди за самата завршница од овој интересен натпревар. Одбраната потфрли кога беше најважно, Шишко лесно се ослободи од Бојиќ и положи за радост на гостите и конечна победа од 77-78. МЗТ имаше одлична можност да победи со звукот на сирената, Магдевски извонредно од аут додаде под самиот кош, но Бојиќ од идеална ситуација не ја смести топката низ обрачот.

Српскиот центар оствари дабл-дабл од 20 поени и 10 скокови, но во завршницата се претвори во трагичар, Вудард постигна 19, а Иванов 17 поени за македонскиот тим, за кого ова беше петти пораз во 14. меч од регионалното натпреварување.

МЗТ Скопје во следното коло од АБА2 лигата го очекува незгодно гостување во Црна Гора против екипата на Ловќен.

Се вчитува...