За „неофицијален почеток на крајот“ на СФР Југославија голем дел од јавноста го смета фудбалскиот натпревар меѓу Динамо Загреб и Црвена Звезда што се одигра пред токму 30 години, на 13 мај 1990 година. Наместо фудбал, на теренот можеше да се проследи хаос, откако домашните навивачи ја урнаа заштитната ограда и влетаа на терен, влегувајќи во конфликт со полицијата.
Дел од овој натпревар беше и македонскиот голгетер Дарко Панчев, кој во разговор за „Mondo.rs“ ги споделува сеќавањето од таа немила случка.
„Не можам да тврдам, но подоцна така се зборуваше, тие нереди беа „пробен балон“ за распад на државата, нешто што подоцна и се реализираше. Наводно, инцидентите на „Максимир“ беа организирани за да се сменат полициските командири и началници кои не беа Хрвати. Можам да кажам дека до моментот кога настана хаосот немаше никаков предзнак дека нешто лошо ќе се случи, нашиот престој во Загреб беше сосема нормален. Би сакал да го истакнам и коректниот однос на фудбалерите на Динамо. Со дел од нив потоа се видов во репрезентацијата, сите се согласивме дека тоа што се случи не беше нормално и лесно можеше да дојде до трагедија од поголеми размери“, вели Панчев.
Во целиот хаос во главна улога се најде 21-годишниот Звонимир Бобан, кој удри полицаец на теренот на „Максимир“.
„Звоне како млад играч реагираше неадекватно за спортист, најверојатно понесен од ситуацијата. Знам дека тој е паметен човек, но тогаш еуфорија го имаше понесено. Секој може да згреши“, вели легендарниот македонски голгетер.
Тој не крие дека многу жали што распадот на Југославија спречил создавање на нова фудбалска велесила.
„На сцена требаше да стапи феноменална генерација и реално гледано, без лажна скромност, доаѓаше деценија на светска доминација на југословенскиот фудбал. Сепак, светскат аполитика го уништи целиот регион, не само фудбалот“, истакнува Дарко Панчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА