Пандев: Ја имаме најдобрата генерација во историјата…, ова е шанса за ЕП!

ЕКИПА во Гибралтар,

Владимир Булатовиќ

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев, како предводник на националниот тим во новото натпреварување на УЕФА, Лигата на нации, пред утрешниот меч против Гибралтар потенцира дека Македонија ја има најдобрата генерација во историјата и треба да се искористи тоа за да се обезбеди историски пласман на едно големо европско натпреварување.

„Нема зошто да бегаме од фаворитската улога. Да, ние сме фаворити во групата и тоа го прифаќаме. Мислам дека ја имаме најсилната генерација во историјата на македонскиот фудбал ако погледнете во кои лиги и клубови настапуваат нашите репрезентативци. Мора да го искористиме тоа и да се потрудиме да обезбедиме пласман на Европското првенство. Тоа го заслужува оваа генерација“ – истакна Пандев на официјалната прес-конференција пред утрешниот натпревар во Гибралтар.

Капитенот, по трите дена минати во Гибралтар, верува дека сите во селекцијата се добро подготвени на стартот од Лигата на нациите да се дојде до првата победа…

„Нас воопшто не ни е важен противникот на спротивната страна. Против секоја репрезентација во модерниот фудбал мора да се пристапува максимално сериозно на теренот. Така ќе биде и против Гибралтар, без разлика што играме на мал стадион, на терен кој првпат добива дозвола од УЕФА за официјален натпревар. Тоа воопшто не ни е важно. Мора да го дадеме најдоброто од себе и да дојдеме до победата“ – вели Пандев.

Се вчитува...