Парите веќе не се проблем за Реал: Флорентино потпишува договор вреден 10 милијарди евра

Да се доведат Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд во ист преоден рок не е веќе невозможна мисија за Реал Мадрид. Флорентино Перез е на добар пат да ги реши сите финансиски проблеми на најтрофејниот фудбалски клуб откако договори спонзорски мегадоговор со американската компанија „Legends”. „Кралевите“ од овој 25-годишен договор ќе заработуваат по 400 милиони евра по сезона, или вкупно 10 милијарди евра, „дил“ што сигурно ќе им овозможи и да доминираат на фудбалскиот пазар во периодот што следи.

Изградбата на новиот и супермодерен стадион „Сантијаго Бернабеу“ се покажа како вистински потег на управата на Реал бидејќи Флорентино сега се договори со американската компанија, за отстапување на 20% од правата на користење на оваа спортска арена.

„Legends“ ќе може да го користи просторот на „Сантијаго Бернабеу“ за најразлични спортски настани, а според првичните најави лесно може да се случи во Мадрид да се следат натпревари од НБА-лигата, како и од НФЛ-шампионатот. Оваа компанија е позната и по организацијата на бројни концерти на светски музички суперѕвезди, па нема сомнеж дека стадионот на Реал ќе биде користен и за оваа намена.

Сепак, она што е најважно за „кралевите“, користењето на нивниот храм ќе биде одлично наплатено и ќе обезбеди финансиска сигурност, нешто што Флорентино Перез се жалеше дека го нема и дека поради тоа е принуден да ја турка идејата за Супер-лига што пропадна по само неколку дена постоење.

„Кралевите“ ќе треба да доинвестираат уште околу 800 милиони евра за да ги задоволат строгите критериуми на Американците, но тоа нема да биде проблем за да се осигура потписот на 10 милијарди вредниот договор на најтрофејниот европски фудбалски клуб.

Се вчитува...