Партизан станува кошмар за Црвена Звезда

Партизан по втор пат во само неколку дена се радуваше на триумф во српско вечно дерби против Црвена Звезда. По победата во Евролигата, овој пат избраниците на Жељко Обрадовиќ славеа и во АБА лигата со 98-87.

Црвена Звезда подобро го започна натпреварот и поведе со двоцифрена предност уште во првата четвртина (11-21), но како што одминуваа минутите домашните кошаркари го превземаа моментумот. Партизан не само што напарви целосен пресврт до полувремето туку успеа и да поведе со 47-36.

Предноста на „црно-белите“ се искачи и на +19 (68-49) во третата четвртина, но падот во концентрацијата го искористи Црвена Звезда која стигна до лесни поени па намали на едноцифрен заостанок пред одлучувачките десет минути (72-63). Во нив гостите во два наврати имаа негатива од два поседа (82-76), но на крилја на домашната публика избраниците на Жељко Обрадовиќ навремено ги консолидираа редовите и не дозволија неизвесен финиш.

Со 22 поени Камински беше прво име кај Партизан, додека него го следеше Аврамовиќ со 15 поени и 6 асистенции. Нејпир ја предводеше Црвена Звезда со 23 поени и 8 асистенции.

Се вчитува...