„Лавовите“ на жесток мегдан пред полни трибини против ЦСКА Софија

Македонскиот фудбалски прволигаш Македонија Ѓорче Петров денеска на домашен терен ќе ја пречека бугарска ЦСКА Софија во 2. квалификациско коло од „најмладото“ натпреварување на УЕФА, Конференциската лига.

Шефот на стручниот штаб на Македонија ЃП, Муарем Бајрами вели дека неговата екипа е максимално подготвено за надигрување…

„Добро знаеме дека играме против една од најдобрите екипи на Балканот, па затоа и ја препуштаме фаворитската улога. Но, убеден сум дека ние ќе одиграме одличен натпревар затоа што макотрпно 40 дена се подготвувавме за овој меч кој за нас многу значи. Добро го анализиравме противникот, ЦСКА е фаворит но ги знаеме и нашите математики, амбиции и цели“ – истакна Бајрами на денешната прес-конференција, притоа потенцирајќи дека никој во тимот не чувствува притисок поради актуелната политичка ситуација и тоа што се игра против бугарска екипа.

„Јасно ни е дека играме со бугарска екипа, но никој кај нас апсолутно поради тоа не чувствува некаков дополнителен притисок. Концентрирани сме на играта, и фокусот е како да одиграме најдобро кон позитивен резултат“, вели Бајрами.

Еден од најдобрите фудбалери на Македонија ЃП, капитенот Ермедин Адем нагласува дека тој и сите негови соиграчи се максимално подготвени да дојдат до позитивен резултат.

„Знаеме дека противникот е фаворит, за разлика од нас кој сме претежно млад тим. За добар дел од играчите ова е прва посериозна европска пресметка за да може да видиме до каде сме. Но, може да ветиме дека ќе го дадеме максимумот за да дојдеме до позитивен резултат пред реваншот во Софија. Свесни сме дека ќе има и пеколни временски услови за игра, ќе биде тежок дуел но ќе го дадеме максимумот за да ги израдуваме сите наши навивачи“, истакна Адем.

Натпреварот кој ќе се игра на тренинг комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје е закажан за 17.30 часот. Билетите за натпреварот веќе се комплетно распродадени, па „лавовите“ ќе имаат максимална поддршка во желбата за победа.

Се вчитува...