Пелистер по победа во Прешов за излез од кризата

Ракометарите на Пелистер денеска ќе му гостуваат на Татран Прешов во натпревар од СЕХА лигата. Станува збор за меч на кој битолчани имаат добра можност да стигнат до триумф и да покажат знаци на живот и излез од резултатската криза, по двата убедливи порази од Магдебург, како и слабото издание на дербито на мак-ракометот против Вардар.

Јасно е дека „пелистерци“ поседуваат квалитет за далеку подобри игри, но клучно ќе биде да се победи заморот по серијата напорни натпревари.

„Минуваме низ тежок период, играме доста натпревари и густ е распоредот. Многу патуваме, па мора да играме и не е лесно. Сега се натпреваруваме и во Купот на Македонија и во плеј-офот. Се подготвуваме и знаеме каков состав има Татран Прешов. Со било каков состав да патуваме верувам дека ќе извојуваме победа и ќе го надминеме овој тежок период во кој врзавме три порази. Верувам дека ќе почнеме позитивна серија и ќе се издигнеме. Очекуваме дека Татран ја анализирал нашата игра, играат на домашен терен и ќе ни се спротистават. Не смееме да потфрлиме и верувам дека ќе се вратиме со победа“, изјави крилото Ненад Костески.

Сличен е ставот и на младиот бек Дарио Петровски, кој минатиот месец беше прекомандуван од втората во првата екипа на Еурофарм Пелистер.

„Имаме густ распоред, играме на секои 2-3 дена и малку има простор за одмор. Потребно е да се изротира ростерот, сите 20-тина ракометари за да се одиграат на ниво сите натпревари. Ова е шанса за нас помладите, да покажеме низ поголемата минутажа дека можеме да се носиме со сите противници“, вели Петровски.

Се вчитува...