Пелистер покажа сила и го освои Куманово

Пелистер забележа голема суперлигашка победа откако битолчани како гости славеа над Куманово со резултат 79-87, нанесувајќи му го на тимот на Марин Докузовски првиот домашен пораз сезонава. Кумановци за првпат сезонава имаа и поддршка од трибините, во салата имаше неколку илјади фанови, но и тоа се покажа недоволно за да се најде начин да се стигне до победата над поранешниот вицешампион на Македонија.

Почетокот од дуелот мина во знакот на гостинскиот центар Вилсон, кој беше најзаслужен што битолчани имаа контрола над резултатот до 6-11. Потоа кумановци влегоа во ритам, набрзина поведувајќи со 16-11, но гостите од Битола имаа одговор и се вратија во водство со поените на Прајс завршувајќи ја четвртината со минимално водство од 22-24. Вториот период од мечот мина во подобра игра на домашниот тим, кој на крајот замина на одмор со убедливи 49-40.

Куманово делуваше во целосна контрола се до 26. минута, кога домаќините имаа 62-55, но не успеаја да постигнат ниту еден поен до крајот на третата четвртина. Пелистер го искористи тоа, влезе во ритам и во нападот, па битолчани во 32. минута поведоа со 62-67. „Сино-белите“ преку Бајрам и Стојановски се приближија до 66-67, но Пелистер имаше одговор со поените на Стајиќ и на Малешевиќ. Последниот удар на домашниот тим беше возвратен со тројката на Дамјан Крстевски, по која гостите го приведоа мечот до крај и заслужено славеа со конечните 79-87.

Центарот Ленгстон Вилсон со 21 поен беше прв стрелец на Пелистер, 16 постигна Стајиќ, а 15 Брејси Дејвис, додека најефикасни во таборот на Куманово беа Луковиќ со 34 поени и 19 скокови и Стевановиќ со 14 поени.

Се вчитува...