Пелистер – Вардар во Битола, како „шлаг“ на сезоната!

Иако останува потоа уште едно коло за официјален крај на сезоната во Првата македонска фудбалска лига, дерби пресметката меѓу Пелистер и Вардар денеска од 16:30 часот под „Тумбе кафе“ во Битола, во рамките на претпоследното првенствено коло, се чини е „шлагот“ на сезоната 2016/2017.

Шампионот на Македонија против победникот во Купот треба да сервираат претстава за гледачите, пред се за меѓусебен престиж, како потврда на сопствениот квалитет издвоен изминатава сезона.

„Знаеме дека за овие натпревари се игра фудбалот во Македонија. Можеби сега овој натпревар нема никаков резултатски предизвик и за двете екипи, но дуелите меѓу Пелистер и Вардар секогаш се апсолутно повеќе од интересни. Добро е познат ривалитетот, кој верувам овој пат во Битола пред нашите навивачи ќе донесе квалитетен фудбал“ – вели тренерот на Пелистер, Наџи Шенсои.

Сосема слично е размислувањето и на Влатко Гроздановски, кој во актуелниот вардаров табор можеби е со најголем број дерби пресметки зад своето име…

„Ќе биде убав натпревар, ќе биде добра атмосфера. Ќе му го честитаме на Пелистер освоениот Куп, а на теренот сакаме да победиме. До сега не сум загубил во Битола, нека биде така и сега. Веќе го имаме обезбедено првото место на табелата на крајот, но посакуваме победнички да го завршиме првенството, и затоа ќе одиме на трите бода и на овој, и потоа на последниот натпревар против Силекс кога ќе ја славиме шампионската титула“ – вели Грозданоски.

Од останатите дуели, што се однесува околу врвот на табелата, се е веќе решено. Шкендија и Работнички се останатите две екипи кои обезбедија европски излез. Токму затоа без резултатско значење ќе биде и тетовската дерби пресметка меѓу Ренова и Шкендија.

ДВОЈКИ – 35. КОЛО (денеска, 16:30 ч.)

Битола: ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ПОБЕДА

Кратово: СИЛЕКС – ШКУПИ

Тетово: РЕНОВА – ШКЕНДИЈА

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – БРЕГАЛНИЦА

ТАБЕЛА: Вардар 79 бода, Шкендија 66, Работнички 54, Пелистер 52, Ренова 48, Силекс 43, Победа 38, Шкупи 36, Брегалница 21, Македонија ЃП 19 бода.

Се вчитува...