Кошаркарите на Пелистер во третото коло го претрпеа и вториот пораз во ФИБА Европа купот, губејќи од составот на Керавнос со 99-86. „Пелистерци“ скапо ја платија слабата прва четвртина во која му дозволија на противникот да постигне 39 поени за десет минути игра, по што не успеаја целосно да се вратат резултатски и на крајот забележаа уште еден пораз.
Мечот почна катастрофално за „зелено-белите“, Керавнос отвори со брзи 5-0, а по едното слободно фрлање реализирано од страна на „пелистерци“ следеше нова мини-серија на домашниот состав. Првата двоцифрена предност на домаќините изнесуваше 18-7, за да првиот период го завршат со убедлива предност од 39-22.
Вториот период донесе значителен напредок во играта во одбрана на „пелистерци“, кои конечно успеаја да ги затворат приодите кон сопствениот кош. Негативата почна да се топи, во нападот профункцинираа Брејси Дејвис и Малешевиќ, резултатот се спушти под десет поени (49-40), Керавнос зголеми на 53-40, но „пелистерци“ пдообро го авршија полуврмето и на одмор се замина со 58-48.
Второто полувреме почна со слаба игра на Пелистер во нападот, за четири минути македонскиот тим постигна само четири поени, а домаќините поведоа со 67-52. „Пелистерци“ не се откажаа, Брејси Дејвис беше најзабележителен во редовите на битолскиот тим, а по поените од контранапад на Лука Стојановски разликата повторно беше спуштена под десет разлика (74-65, 28. минута). Негативата беше намалена на 74-67, но Керавнос ја заврши четвртината со мини-серија од 5-0 и во последниот период се влезе со водство на домашниот состав од 79-67.
Керавнос имаше и 84-67 на почетокот од четвртата четвртина, по што веќе беше најавен победникот на мечот, на крај за конечни 99-86.
Брејси Дејвис беше убедливо најдобар поединец кај Пелистер со 33 поени и шест скока, но и тоа не помогна македонскиот тим да го избегне поразот. Митревски постигна 13 поени, а Малешевиќ заврши со 12 поени. Кај домашните најдобар беше Американецот Хантли со 25 поени и 11 скока.
Пелистер во четвртото коло од ФИБА Европа купот следната среда на домашен терен во Битола ќе ја пречека екипата на Цедевита јуниор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

