Пелистер загуби во Швајцарија, оди на Магдебург во осминафиналето

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не успеаја да ја продолжат победничката серија откако вечерва неочекувано лесно загубија на гостувањето против Шафхаузен (29-26). Влогот беше голем, битолчани со победа можеа да се искачат на второто место во групата, но избраниците на Бабиќ вечерва потфрлија играјќи далеку под посакуваното ниво. По ваквиот исход, битолските „фармацевти“ ја завршија групната фаза како четвртопласирани во групата, па за ривал во осминафиналето од Лигата на Европа ќе го имаат бундеслигашот Магдебург, кој беше прв во групата Ц.

Мечот почна со многу слаба игра во нападот на „пелистерци“, кои се мачеа да најдат одговор за цврстата зона на швајцарскиот состав. Во првите петнаесет минути македонскиот вицепрвак имаше постигнато само два погодоци (5-2), пред Периќ да погоди од место, за привремено кршење на бедемот на Шафхаузен. По тој погодок проработе нападот на Еурофарм Пелистер, но престана да функционира до тој момент солидната одбрана, па се редеа голови на двете страни, а на одмор се замина со водство на Шафхаузен од 16-12. Битолчани преку Ојлески, потоа и преку Периќ намалија на „минус три“ (16-13, 17-14), но тоа беше се што успеаја да сторат, разликата во ниту еден момент не се спушти под три гола, па Шафхаузен заслужено триумфираше со конечни 29-26, поставени со голот на Мараш со звукот на сирената.

Отсуството на Хендави остави трага бидејќи Трајковски и Чаневски немаа свој ден на голот на Пелистер. Во нападот, најефикасни во редовите на македонскиот тим беа Периќ со седум и Граџан со шест погодоци.

Се вчитува...