„Пелистерци“ на пат за Словачка: Пеколното темпо продолжува, не смее да се потфрли против Татран

Ракометарите на Еурофарм Работник ги очекува нов предизвик, овојпат во рамките од СЕХА-лигата, каде битолчани му гостуваат на составот на Татран Прешов. Станува збор за меч на кој битолчани имаат добра можност да стигнат до триумф и да покажат знаци на живот и излез од резултатската криза, по двата убедливи порази од Магдебург, како и слабото издание на дербито на мак-ракометот против Вардар.

Јасно е дека „пелистерци“ поседуваат квалитет за далеку подобри игри, но клучно ќе биде да се победи заморот по серијата напорни натпревари.

„Минуваме низ тежок период, играме доста натпревари и густ е распоредот. Многу патуваме, па мора да играме и не е лесно. Сега се натпреваруваме и во Купот на Македонија и во плеј-офот. Се подготвуваме и знаеме каков состав има Татран Прешов. Со било каков состав да патуваме верувам дека ќе извојуваме победа и ќе го надминеме овој тежок период во кој врзавме три порази. Верувам дека ќе почнеме позитивна серија и ќе се издигнеме. Очекуваме дека Татран ја анализирал нашата игра, играат на домашен терен и ќе ни се спротистават. Не смееме да потфрлиме и верувам дека ќе се вратиме со победа“, изјави крилото Ненад Костески.

Сличен е ставот и на младиот бек Дарио Петровски, кој минатиот месец беше прекомандуван од втората во првата екипа на Еурофарм Пелистер.

„Имаме густ распоред, играме на секои 2-3 дена и малку има простор за одмор. Потребно е да се изротира ростерот, сите 20-тина ракометари за да се одиграат на ниво сите натпревари. Ова е шанса за нас помладите, да покажеме низ поголемата минутажа дека можеме да се носиме со сите противници“, вели Петровски.

Се вчитува...